За да отворите фирма во земјите од поранешна Југославија, ќе ви треба од еден до 15 дена, основачки капитал од 0,85 до 26.000 евра, како и до 400 евра за административни трошоци, во зависност од земјата во која се почнува бизнисот. Притоа, временски најбрзо и најевтино се отвораат фирми во Македонија и во Словенија, а за минимален основачки капитал потребни се најмалку пари во Србија. Според анализата на хрватската мрежа „Бизнис плус“, повеќето земји од поранешна Југославија во последните неколку години спроведуваат реформи за подобрување на условите за отворање фирма. Споредбената анализа покажува дека во повеќето од овие земји, како што се Македонија, Словенија, Хрватска и Црна Гора, нова компанија може да се регистрира по електронски пат, а лично во надлежните институции мора да се оди во Србија и во Босна и Херцеговина.
За да отворите фирма во земјите од поранешна Југославија, ќе ви треба од еден до 15 дена, основачки капитал од 0,85 до 26.000 евра, како и до 400 евра за административни трошоци, во зависност од земјата во која се почнува бизнисот. Притоа, временски најбрзо и најевтино се отвораат фирми во Македонија и во Словенија, а за минимален основачки капитал потребни се најмалку пари во Србија.
Според анализата на хрватската мрежа „Бизнис плус“, повеќето земји од поранешна Југославија во последните неколку години спроведуваат реформи за подобрување на условите за отворање фирма. Споредбената анализа покажува дека во повеќето од овие земји, како што се Македонија, Словенија, Хрватска и Црна Гора, нова компанија може да се регистрира по електронски пат, а лично во надлежните институции мора да се оди во Србија и во Босна и Херцеговина. Нашата земја е единствената каде што регистрацијата на фирма се врши исклучиво електронски, што се покажа како добар сигнал за странците кои не мора да доаѓаат лично за да регистираат нова компанија. Напредокот на Македонија во оваа област беше нотиран во последниот извештај на „Дуинг бизнис“, каде што земјава беше рангирана на прво место според можностите за почнување бизнис.
Постапка во еден чекор
При отворањето фирма, најмалку време ќе изгубат тие што планираат да водат бизнис во Македонија и во Словенија, каде што регистрацијата се завршува за еден ден. Од Централниот регистар на Македонија објаснуваат дека реално во земјава фирма се отвора во еден чекор, без никакви трошоци и со процедура која се завршува за помалку од еден ден, односно која во просек трае околу 4 часа. Во Црна Гора и во Србија за тоа се потребни четири, односно пет дена, а најмногу време се троши во БиХ, каде што за регистрација на нова фирма се потребни 15 дена.
Процедурата за регистрација е најевтина во Македонија, со оглед на тоа дека не се плаќаат никакви административни трошоци во процедурата. Во Словенија трошоците се нула ако станува збор за регистрација на трговец-поединец, додека за поголеми фирми со сложена организација трошоците достигнуваат и до 400 евра. Нешто поевтина е Црна Гора каде што регистрацијата чини 22 евра, во Хрватска е 107 евра, а на врвот е БиХ каде што трошоците изнесуваат и до 400 евра во зависност од кантонот каде што се регистрира новата компанија.
Економистите од регионот сметаат дека една од најголемите предности на земјите од поранешна Југославија за водење бизнис е фактот што новите фирми се отвораат брзо, најчесто по електронски пат и без премногу високи трошоци. Дополнителен стимул за стопанствениците се субвенциите кои одредени земји, меѓу кои е и Македонија, ги даваат за нови вработувања.
Многу административни пречки
Сепак, економистите укажуваат и на некои негативности што генерално важат за сите земји од регионот.
- Земјите од регионот имаат повеќе недостатоци на деловното опкружување во своите матични држави. Секаде компаниите и понатаму се соочуваат со претерано многу административни пречки и барања што го парализираат стопанството и ја намалуваат конкурентноста - вели Андреја Шкофиќ Kлањшчек, раководител на даночната и правната служба на „Дилојт“ во Словенија.
Во поглед на минималниот капитал неопходен за да се основа фирма, најповолни се условите во Србија, со оглед на тоа дека за регистрација на трговец-поединец потребни се само 0,85 евра основачки влог. Симболична е сумата и во Црна Гора и Хрватска, каде што требаат 1 и 1,30 евра. Сепак, за отворање фирми со посложена организација во речиси сите овие земји треба основачки капитал од околу 25.000 евра. Притоа, најевтино одминуваат Хрватите, кои за регистрација на ДООЕЛ треба да вложат 2.608 евра, а најскапо Србите на кои им се потребни 25.582 евра. Во Македонија минималниот основачки влог изнесува 5.000 евра, но нашата земја е единствена во регионот каде што таа сума не мора да се уплати веднаш, туку може да се плати одложено на една година.
Црна Гора со најнизок данок на добивка
Црна Гора е најпривлечна за бизнисмените во поглед на данокот на добивка, со оглед на тоа дека има најниска стапка во регионот од 9 отсто. По неа следат Македонија и БиХ каде што добивката се оданочува со 10 отсто. Србија ја има одредено оваа стапка на 15 отсто, додека двете членки на ЕУ, Хрватска и Словенија имаат највисока даночна стапка по оваа основа во регионот. Во Словенија таа изнесува 17 отсто, додека во Хрватска добивката се оданочува со 20 отсто.